ИСТОРИЈАТ
OУТУ „Ванчо Питошески” – Охрид е средно стручно училиште, лоцирано покрај самиот кеј на Охридското Езеро во непосредна близина на „Факултетот за туризам и угостителство“, лесно пристапно за учениците, родителите и други заинтересирани посетители.
Училиштето е формирано со решение бр. 05-80117/1 од 10 септември 1960 година од страна на Народниот одбор на општината Охрид, како стручно угостителско училиште со практична обука.
Како образовна институција училиштето се верифицира со решение бр. 07-691 на 14 јуни 1963 година од страна на Советот за просвета на СР Македонија со задача да подготвува кадри со општопризнат степен на стручно образование во ранг на квалификуван работник во угостителството за занимањето готвач, келнер и портир.
Во судскиот регистар под назив стручно угостителско училиште со практична обука е запишано во Окружниот стопански суд во Битола под бр. 82/65 на 11 јануари 1966 година.
Во учебната 1961/62 година запишани биле 35 ученици, чие образование траело 2 години. Првите предмети кои се предавале во училиштето биле: послужување, готварство, организација на угостителството со хотелиерство и странски јазик.
Во јули 1964 година е предаден во употреба хотелскиот дел на училиштето кој се користи како ученички дом, а преку летниот период во комерцијални цели.
Тоа беа почетоците, скромни, но со голема верба дека токму оваа воспитно-образовна институција игра значајна улога во развојот на туризмот, како во регионот, така и пошироко во државата.
Во училиштето се изведува настава на македонски наставен јазик.