ВАНЧО ПИТОШЕСКИ

vanco-pitoseski-biografija

 

Имаше само 22 години. Беше во цутот на својата младост. Буен, енергичен, полн со ентузијазам, исполнителен, секогаш близок. Не можеше да трпи неправди и поучен од тешкиот живот низ кој ги минуваше своите младешки години, живееше со идеалот дека само во слобода може да се гради поубава иднина и да се живее подобар живот. Понесен од таа идеја, еден августовски ден во 1944 година, стапува во редовите на Охридско-струшката бригада.

Но, не за долго. Во една непосредна борба со германскиот окупатор на приодите кон Струга, беше смртно погоден во една темна, кобна ноќ, меѓу 18 и 19 октомври 1944 година. Македонската земја се натопи со крв на уште еден млад живот, во плејадата борци што загинаа на браникот на татковината. Згасна животот на Ванчо, тогаш кога требаше да живее.

Ванчо беше второ дете од средно-имотното семејство на Михајло и Анастасија (позната како Таша) во охридската населба Горна Влашка Маала. Пред него бил роден Тихомир, а после него уште тројца браќа: Никола, Перо и Александар. Со скромната железничка плата, седмочленото семејство на Питошевци тешко излегувало на крај, па поради тоа децата, уште од нивните рани години, биле ангажирани околу обезбедувањето на сопствената егзистенција. Така и Ванчо, по завршувањето на четвртото одделение, без можност за натамошно школување, бил ангажиран да го учи угостителскиот занает во хотелот на Радич, кај градскиот плоштад.

Неговото детство незабележано поминало меѓу ресторанските маси, кујната и многубројните гости што го посетувале хотелот. Ванчо, со нескриен ентузијазам пристапил кон изучување на готвачкиот занает и за брзо време станал мајстор на кулинарските вештини. Околностите под кои работел му дале можност да контактира со разни профили на интелигенција, така што, уште од раните младешки години, бил задоен со револуционерни идеи и станал верен активист на скоевската организација.                                                                            

Во текот на Народноослободителната борба кога од фронтовите доаѓале вести за огнените дејства на партизаните против фашистичките окупатори, во моментите кога над Македонија лебдела паролата „Смрт или слобода“, Ванчо Питошески ја напуштил хотелската кујна и заминал во партизани, вклучувајќи се во Дополнителната охридско-струшка бригада, во пазувите на бунтовниот Караорман. Таму ја продолжил својата професија, но сега готвел за своите соборци. Ја извршувал дисциплинирано својата задача, им зборувал на другарите за своите замисли и идеали и се радувал, заедно со нив, дека слободата е на прагот и дека во неа животот сосема ќе се измени кон подобро. Со една таква мисла тргна и во извршување на последната задача: да го истера германскиот окупатор од приодите кон Струга. Но, согоре во таа желба.

Судбината како да си поигра со неговиот млад живот. Никој не помислуваше дека тоа борбено крштевање ќе биде фатално за Ванчо. Со една мала партизанска група, незабележливо во ноќта, се приближуваше кон непријателскиот бункер од каде што митралезот истураше дожд куршуми. Ванчо ја фрли откачената бомба кон митралеското гнездо. Стрелбата запре. Но, запре и срцето на младиот борец, кој беше смртно погоден.

Кобната октомвриска ноќ уште повеќе стежна, како да сакаше да го заштити мртвото тело на младиот Ванчо Питошески. Под превезот на ноќта, неговото мртво тело беше веќе закопано во гробиштата кај селото Оровник. Неговата мајка прва ја дозна веста за трагичната судбина на својот син. Дојде да се увери во кобната вест, а потоа ја стави црната шамија, цел живот да тагува за своето чедо. Но, сепак, остана горда зашто и тој е еден од оние што се жртвуваа на олтарот на слободата.

Во негова чест, по завршувањето на војната, сите угостителски претпријатија во Охрид го понесоа неговото име. И денес, со пиетет кон овој некогашен угостителски работник, неговото име го носи Општинското средно угостителско-туристичко училиште во Охрид, како и уште една улица во градот.

На овој начин Ванчо живее во спомените наши.