За Патронот-Ванчо Питошески

Пред нас е споменот за Ванчо Питошески, спомен за еден борбен син на ова поднебје, спомен за вечниот идеал за поубава иднина и подобар живот, и симбол за непокор, младост и енергичност. Иако се повеќе се оддалечуваме од денот на трагичната смрт на Питошески, неговото име, дело и траги, сеуште забележително стојат во сеќавањата на поколенијата што живеат со истиот идеал, години по неговата смрт.
Каков е накратко животниот пат на нашиот патрон:
Ванчо е роден во 1922г., како второ дете од седумчленото семејство на Питошевци, од Охридската Горна Влашка мала. Четирите основни години од своето образование, ги минува во училиштето во црквата Св.Ѓоргија, по што како член на многудетно семејство и потребата да се помага на истото, не е во можност да го продолжи школувањето во охридската гимназијата и од млада возраст започнува да работи. Иако денски бил зафатен со работа и експлоатиран, сепак имал желба и енергија за продолжување на образованието и го посетувал тогашното занатско училиште во ,,Св.Сава“, каде со ентузијазам го изучува угостителскиот занает, но продолжува неуморно да служи низ масите и работи во кујната на тогашниот охридски хотел ,,Српски краљ“ од Андон Радич.
Во неговите младешки години, неговиот енергичен и ведар дух, ќе го зближи со негови истомисленици и ќе стане член на синдикалната организација, како и на младата ,,скоевска“ група во Охрид.
Вителот на втората светска војна го зафаќа и Охрид, а во него и младиот Ванчо. Во 1942г. од страна на бугарската окупаторска армија е присилно мобилизиран и пратен во Бугарија, да служи во позадинските редови на армијата. По година дена, се враќа во Охрид, работејќи ја истата работа, во истиот хотел, сега со променето име „Санстефанска Б`лгарија“, но сега веќе во неговата глава се движи само една мисла – отфрлање на фашистичкото угнетување и вклучување во непоштедната борба за создавање на своја држава и подобро утре! Заедно со своите другари и сомисленици се подготвува активно , со оружје во рака, да пристапи кон партизанските редови, да го ослободи родниот град и татковина, па макар по цена и да го остави својот живот за таа цел. Ванчо Питошески ја напушта хотелската кујна и заминува во партизани, вклучувајќи се во дополнителната охридско-струшка бригада во регионот на Дебарца. Таму Ванчо, првично е задолжен да раководи со партизанската кујна, но поривот за поскорошно ослободување, ќе го постави во првите борбени редови на бригадата, учествувајќи во повеќе престрелки со окупаторските сили.
Во една таква акција во струшко, област од каде што било и неговото потекло, при операција за освојување и контролирање на приодите кон градот, една октомвриска ноќ, 22 годишниот Ванчо Питошески ќе јурне кон својата прерана смрт.
Младиот јунак Ванчо Питошески, храбро и несебично ќе го жртвува својот млад живот во име на тие возвишени идеали, во име на слобода и подобро утре, нешто што не го дочекал, но оставил длабок придонес.
Токму затоа нашето училиште со гордост го носи името на својот патрон, Ванчо Питошески и овој ден пригодно го чествуваме како спомен за неговиот лик и неговото дело.
Историчар
Григор Ангеличин- Жура

